Ученикот е секогаш во центарот на вниманието, тоа е главна мисија во ова училиште, како и почитување на неговата индивидуалност.
Стручните соработници и наставничкиот кадар во нашето училиште секојдневно ги поттикнуваат креативноста, индивидуалноста, толеранцијата, соработката, културните и цивилизациските вредности, формирањето на моралните вредности и го унапредуваат здравиот начин на живеење…
Основното училиште треба да ги охрабрува учениците да ја откриваат својата посебност, но и активно да се подготвуваат за одговорен живот во демократско граѓанско општество. Сето тоа е предизвик пред кој стоиме сите ние како чинители во воспитно – образовниот процес. Ние сме моделатори на личноста кои вешто ги комбинираат деловите на стекнатото воспитување, усвоените навики и знаења, но само во вештите раце на вистински мајстор ќе може тоа да се преточи во уметничко дело кое ја красат една воспитана, образована и успешна личност.
За остварување на овие цели во училиштето успешно се реализираат и голем број проекти како проектот „Со читање до лидерство“ , „Меѓуетничка интеграција во македонскиот образовен систем“, „Дете правобранител“, „Вештини на адолесценција“ „Социоемоционални вештини за подобри образовни резултати“ „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“, „Еколошка едукација во Македонскиот образовен систем“, Erasmus проектит „Ecology every day“ и „Let Us Be a Breath For Future“, eTwinning преоктите „STEAMIST“ „Winter is coming“, „Deep Art“, „Travelling with Nautilus“ и др. кои го подобруваат квалитетот на наставата и придонесуваат за усвојување на голем број вештини и знаења кај учениците.
За ангажираноста и посветеноста на наставниците и учениците говорат бројните награди и признанија на општински, регионални, државни па и меѓународни натпревари.
Со почит, директор Сашко Пановски